Friday, August 10, 2018

Неодамнешно истражување вели дека магичните печурки ги обновуваат мозочните клетки

Луѓето често имаат погрешно мислење за психоделичните печурки, бидејќи тие можат да предизвикаат лицето кое ги конзумира да халуцинира подолг временски период. Меѓутоа научно е докажано дека мали дози од псилоцибинот делуваат позитивно кај анксиозноста и депресијата, а ова истражување тврди дека магичните печурки ја поттикнуваат неврогенезата, воедно ги поправаат клетките во мозокот и помагаат тие да пораснат


Во суштина, тие се природно растени габи, со лековити свосјства исто како и други растенија како марихуаната. Сепак, овие микроорганизми - печурки може да докажат дека имаат некои од најневеројатните медицински својства што допрва треба да бидат истражени. Истражувањето кое беше собрано од Универзитетот во Јужна Флорида покажа дека псилоцибинот, компонентата пронајдена во овие психоделични печурки, има способност да создава нови клетки на мозокот. Ова нуди голем потенцијал за медицинскиот свет и прогресијата во лекувањето на менталните болести, па дури и подобрување на когнитивната функционалност кај третираните лица.


Оваа научна студија беше објавена во зборникот „Експериментални истражувања за мозокот“ (Experimental Brain Research) и тврди дека псилоцибинот е способен да се врзува за специјални рецептори лоцирани во мозокот кои се одговорни за стимулирање на заздравување и раст. Ова значи дека печурките можат да помогнат во развојот на мозочните клетки - неврогенезата. Истражувањето се состоеше од тестирање на псилоцибинот кај глувците. Оваа органска состојка всушност успеја да помогне да се поправат оштетените мозочни клетки, па дури и да се излекуваат - глодарите беа ослободени од ПТСД (пост трауматско стресно нарушување), како и депресија.

Д-р Хуан Р. Санчез-Рамос (Juan R. Sanchez-Ramos), водечки истражувач од студијата на Универзитетот, ги тестираше ефектите на псилоцибинот кај глувците, обучувајќи ги да се плашат од електричен шок кога слушаат одреден шум што е поврзан со електричниот шок. Некои од глувците на кои им беше даден псилоцибин беа во можност да реагираат многу побрзо на бучавата од глувците од контролната група на кои не им беше дадена компонентата од печурките. Д-р Хуан Р. Санчез-Рамос го вели ова во врска со студијата: „Предлогот дека псилоцибинот влијае на спознанието и ја стимулира неврогенезата на хипокампусот се базира на детален доказ дека серотонинот (5-хидрокситриптамин или 5-HT) кој делува на специфични подтипови на 5-HT рецепторот (најверојатно 5-HT2A рецепторот) е вклучен во регулирање на неврогенезата кај хипокампусот. Животинските in vitro и in vivo податоци се доволни за да се испита дали псилоцибинот ќе ја зајакне неврогенезата и ќе резултира со мерливи подобрувања во учењето“.

Сè уште има многу да научиме за овие ефекти и како тие можат да ни користат во иднината на медицината, но сега сме соочени со проблемот со тоа што оваа природна супстанца е првенствено нелегална. Имајте во знаење дека предозирањето со магични печурки е возможно, но не е фатално - до сега нема регистрирани случаи на смрт од псилоцибин. Бидете внимателни и секогаш започнувајте со мали дози, но никогаш не престанувајте да бидете љубопитни, особено кога се работи за вашето физичко и ментално здравје и целокупна благосостојба или на некој ваш близок.

Извор: Higherperspectives
Автор: MoniQ. K.